Почитувани,
Би сакал да ви се обратам како ментор, но и како пријател кој е секогаш тука за да им даде совет на студентите, да ги разреши сите дилеми кои ги имаат и да ги поттикне да ја развијат својата креативност.
Нашата цел и мисија е да овозможиме квалитетно високо образование и да ги поттикнеме интересите и способностите кои ќе ги доведат нашите студенти на вистинскиот пат кон најдобра иднина. Непосредниот пријателски однос, но и посветеноста на професорите и менторите се јадрото на успехот на студирањето во БАС. Наш вистински предизвик е да останеме силна алка помеѓу образованието на нашите студенти и бизнисот. Квалитетните наставни програми за додипломски и постдипломски студии, како и методите и средствата за изведување на наставниот процес кои се во согласност со современите научни достигнувања од нашите студенти ќе создадат квалитетни кадри во бизнисите кои понатаму ќе ги развиваат.
Податокот од над 200 студенти на БАС покажува дека сме најпосакувана Академија во регионот, токму поради тоа што на нашите студенти им го обезбедуваме се’ она што им е потребно за успешно студирање. Ние сме таму и тогаш кога сме им најпотребни – нашите пристап и јазик се оние кои тие најдобро ги разбираат.
БАС се прилагодува кон потребите за пракса и за постојано иновирање на наставниот процес. Практичната настава која ја обезбедуваме за секој наш студент е нашата најголема предност. Менторите од компаниите кои се наши партнери за студентска практика им го пренесуваат своето стручно знаење на студентите и им овозможуваат практично да се запознаат со тоа што тие го учат во наставните програми и, секако, да го применат стекнатото искуство и знаење во нивните организации. Можноста за вработување во некоја од тие компании, кои имаат високо развиен бизнис и придонесуваат за јакнење на стручната основа на студентите, е нешто што секој студент на БАС треба да го искористи.
Ние сме насочени кон младите луѓе и инсистираме на квалитетно и практично високо образование. Сериозно сме посветени на студентите затоа што нивната иднина зависи од нашиот успех во пренесувањето на сето наше знаење и вештини. Свесни сме за нашите досегашни постигнувања, но и за она што треба да го направиме за да влеземе во друштво на признаените и познати светски институции за високо образование во полето на бизнисот. Гаранција дека ќе успееме во тоа се нашите посветени предавачи кои го делат моето мислење.
Ние сме одговорна институција која ќе им излезе во пресрет на сите потреби на студентите во нивниот професионален развој.
Искрено ваш,
Проф. д-р Цветко Смилевски