Стипендии

Бизнис академијата Смилевски секоја година организира натпревар за доделување на стипендии за редовните студенти на додипломските студии по Оперативен менаџмент. Се доделуваат 6 полни стипендии со кои се покрива целокупната школарина за сите три години на студирањето, и 14 делумни стипендии во износ од 33%–90% од вкупната школарина.

Кандидатите се натпреваруваат во обемна интерактивна бизнис симулација осмислена во вид на кооператино-конкурентска деловна игра. Од сите пријавени кандидати се формираат виртуелни компании чија цел е да постигнат најдобри компаниски резултати. Работејќи во своите компании, кандидатите имаат за цел да остварат највисоки индивидуални финансиски резултати, но воедно да бидат рангирани од своите колеги како најзаслужни за успехот на компанијата.

Предизвиците кои се поставуваат пред виртуелните компании се фокусираат на оперативни и стратегиски проблеми од деловната реалност во кои треба да се употребат основните менаџерски вештини на планирање, организирање и контрола, но и останатите деловни вештини како што се преговарање, договарање и убедување, тимска работа, управување со времето и кризен менаџмент.
Право на учество во натпреварот за стипендии имаат сите матуранти во Република Македонија.