Бизнис академијата Смилевски спроведува програма за теренска студентска практика (ТСП) во целиот тек на додипломски студии, популарно наречена ПРАКСА.
Праксата во БАС се спроведува во четири циклуси, според периодот кога таа се изведува.
Цели на теренската студентска практика
- Запознавање на позицијата и функцијата на своето идно работно место во деловниот систем на организацијата
- Запознавање на кариерните можности на својата идна професија
- Стекнување сознанија од практиката потребни за сфаќање на теоретската настава во текот на студиите
- Поединечно и синтетичко практикување на стекнатите знаења, ставови и вештини во текот на студиите
- Стекнување компетенции за самостојно вршење на суштинските работни обврски од профилот кој го студираат
Содржина на теренската студентска практика
Прв циклус: ситуирање-студентска практика-партнерска организација-пазар (клиенти)
Овој циклус се остварува во текот на првиот семестар на студии и притоа опфаќа запознавање на студентите со:
- Основната дејност на партнерската организација
- Главните клиенти и крајните корисници на производите и услугите на партнерската организација
- Главните снабдувачи
- Историјата и организациската структура на партнерската организација и нејзините компаниски политики и регулатива.
Втор циклус: Ориентација во идната професија
Овој циклус го опфаќа вториот семестар и притоа опфаќа запознавање на студентите со:
- Деловните процеси на партнерската организација и улогата на профилите на БАС во тие процеси
- Овластувањата и одговорностите на извршителите со профил на БАС
- Организациско комуницирање во партнерската организација
Со ова студентите ќе започнат да извршуваат помошни работни активности на извршителите со профил на БАС и нивните подредени
Трет циклус: Учество во професионалната работа
Реализацијата на овој циклус се одвива во третиот и четвртиот семестар и опфаќа:
- Самостојно извршување на помошни задачи на работното место
- Извршување на работни задачи со помош на извршителот на работното место (менторот)
- Извршување на работни задачи под надзор на менторот
- Запознавање со работата на интерните добавувачи и интерните клиенти во компанијата
Четврт циклус: Изведување на професионални работни активности
Овој циклус се остварува во текот на едномесечната практика во текот на третиот, четвртиот, петтиот и шестиот семестар, и опфаќа:
- Заедничко извршување на работните задачи со извршителот на работното место- менторот
- Извршување на професионални задачи на работното место под надзор на менторот
- Заменување на извршителот во вршењето на професионални задачи за кои студентот-практикант се оспособил и добил овластување
Првиот и вториот циклус од теренската студентска практика се остварува преку еднодневни посети на мали и средни претпријатија или други организации. Во текот на наредните семестри, секој студент поминува еден ден во седмицата на теренска практика во соодветна партнерска организација, а веќе во четвртиот циклус студентите-практиканти поминуваат и по еден месец во компаниите.
За посетите и работата во компаниите, институциите и останатите партнерски организации на Академијата, студентите водат работен дневник кој е составен дел на нивното студентско досие.